chromatic 2

Сомневајќи се во моќта на една рецензија по однос на било какво создадено артистичко дело, во последно време, како еден застарен модел на споделување на импресии, стигнав до предизвикот наречен Chromatic point устоличен во епруветата именувана како "Слики од старата куќа".

Веројатно загубената верба во македонската културна современа идентификација. имаше мал допринос кон скептицизмот кој во последнава година ме имаше зафатено, за се она што значеше современ креативен дух на македонецот, во сите сфери на културата.

Во тие моменти простата репродукција и алотропска модификација на се она малку што беше создадено како културно благовестие во "пресната" културна каталогизација во современата македонска држава, се чинеше дека нема изгледи за светла иднина... Од аспект на нем набљудувач, искрено пробувајќи да изнајдам барем трошка културен идентитет на современото културно движење во Македонија (било од каде тоа да потекнуваше), неповратно преживував низ безнадежните обиди на поединци или групи да проникнат низ суштината на она што јас како индивидуа го очекував во тој правец. Сите целосно јалови, културни издигнувања, завршуваа распнати на крст искован од бојата на парите и бизнис шизофренијата на културните работници во цела држава. И она малку квалитетно што ќе се појавеше во изминатите година-две (може и подолго) сурово беше негирано и дерогирано од непрокопсаните телевизиски-радио-интернет пицајзли, кои во жестока потрага по профит имаа/аат пракса да го трујат народот со инстант забава, од која вијугите на мозокот релаксирано го намалуваат својот обем.

chromatic 4

На членовите на бендот Chromatic поинт однапред им се извинувам што користејќи го нивното име и нивното музичко дел, сакав да изразам свој став во воведот на овој текст кон релевантната (барем медиумски) шизофренична реалност наречена културна понуда и продукција во Македонија во актуелниот кконтекст, во кој се појавува музичката оперета наречена "Слики од старата куќа".

Дали случајно или не, самиот наслов на вториот албум на "Обоенава точка", ми наликува на индиферентна тврдоглавост и резигнација кон современата музичка индустрија (ако воопшто постои таква појава) во државата и своевиден изолиран одговор на тековните процеси на глобализација и индустријализација на креативниот дух на поединецот/поединците.

Музиката отсекогаш сум сакал да ја восприемам и доживувам во контекст на одредени општествени процеси, сметајќи ја како една од причините за рееволутивниот прогрес на човечкиот дух и постоење во глобала. Заедно и во спрега на сите можни уметнички изрази и текови.

По се изгледа дека во државата останаа единствено поединци-уметници да противречат на напливот на светски кич и шунд, кој секојдневно го загадува автентичното современо македонско креативно битие. Во тој контекст би кажал: македонштината извира и се храни токму од вака дефинираната синтаксичка целина, и не ми е жал поради скудниот придонес на општиот јавен интерес за негување на овој автентичен современ македонски израз. Македонија е позната во историјата по своите поединци кои и во најголемите мрачни периоди од егзистенцијализмот на човештвото, смогнале сили и запалиле факел на идентитетска поединост кој до ден денес, сме горди што горел, во одреден временски период.

Оттука нескромно ќе истакнам дека вториот албум на "Chromatic point" насловен како "Слики од старата куќа" за мене како слушател претставува громогласен аплауз во име на традицијата, духот, менталитетот и гордоста на македонското постоење од памтивек до ден денешен. Осумте композиции спакувани во албумот, претставуваат спонтан израз на музичките текови на македонскиот звучен идентитет, речиси од сите периоди на опстојување на народот на овие простори. И уште повеќе...

Звукот на бендот на овој албум претставува олицетворение на современо претскажување и поглед во иднината за генерациите што доаѓаат. Своевидно визионерство и дефинираност на она што допрва ќе се случува со рок музиката, не само на овие простори, туку многу пошироко.

Знаејќи дека ритмистиката, фолклорните елементи, воспевот и целокупната хармонија на македонскиот музички идентитет веќе запаѓа во невкусни лавиринти на изживеаност (поради погоре изнесените причини), кон преслушување на албумот се впуштив со мала доза на скепса. Во таа насока промотивниот спот за песната "Стихија" ми делуваше како уште еден блед обид за кокетирање со македонскиот фолклор и негова злоупотреба вко музички цели. Настрана од овој мој првичен впечаток кој го имав слушајќи и гледајќи го спотот на песнава, од денешен аспект ќе кажам дека оваа песна сама за себе е навистина бледа сенка на она што може да биде.

chromatic 3

НО! (големите букви и извичникот се повеќе од намерни).

Оваа песна сама за себе не може и не треба да опстојува. Единствено песнава "Стихија" има смисла, дух, концепт во целина со сите 8 нумери на албумот. Она што во "Стихија" наликува на фузија од се и сешто, во албумот звучи како една од амплитудните точки на развој на музичка класика оквалификувана токму со терминот "Рок оперета". Песнава која е направена во симбиоза со "Синтезис" (добра конструкција на реченицата) е одлична увертира, но за авторот на овој текст не е и најдоброто "парче" на албумот. Напротив има повеќе делници кои се многу-многу подобри од оваа песна иако реков таа е една од најсветлите моменти. Целиот албум е река која непрекинато тече, постојано и постојано, циклично, тридимензионално, во спој со времето и просторот. Прекрасната композиција и мешавина на различни музички елементи и влијанија (не само метал, рок и народна ритмика), емитира слика на фузиран џез, во рокерска варијанта со префинет, неисфорсиран народен такт, со енергичност на треш, индастријал моменти и секако лирска мелозвучност на балканската и македонска хармонска мелодија.

На албумот се наоѓаат повеќе вонсериски моменти кои на слушателот му делуваат како сосема нов тренд на mainstream-от и отвореност кон унивезален прогрес и раст на уметничкиот вкус. Албумот е една целина која додека го слушав посакував уште по првото слушање да не заврши... Има толку многу што да каже, што да се научи... Пакет на музика кој содржи тематска обоеност и компактност на едно интегрално музичко дело, кое иако низ пооделни песни, сепак треба и мора да се восприема во целина, токму по тој редослед како што се наредени на албумот и никако поинаку.

Во продолжение ќе го споделам видео записот од песната "Стихија", со напомена дека оваа песна има епска силина и артистичка жестина во заедништво на останатите песни од албумот.

 

Поради обемноста на текстот, и задржување на концентрацијата на читателот рецензијата (непланирано) ќе продолжи во втор дел кој ќе го објавиме наскоро. Во него посебен третман ќе доживее секоја од песните на албумот, кој ако до сега не сте го купиле, истиот може да го побарате во Југотон во ГТЦ во Скопје, по симболична цена. 



Автор на текстот:

Joomla Templates and Joomla Extensions by JoomlaVision.Com

Рецензии - Музички рецензии