Ниво на корисникот: / 0
НајлошоНајдобро 

Во петок 16.09.2016 година со почеток во 19.00 часот во кино салата во Делчево се одржа претставата "Шуми" по текст на рускиот писател Александар Николаевиќ Островски, во режија на Драгана Таневска.

 

Оваа театарска претстава претставува само втора претстава која се прикажува во кино салата во Делчево во оваа 2016 година со што говори за оскудната состојба во која се наоѓа театарскиот живот во нашиот град. За волја на вистината, театар во Делчево никогаш не ни имало. Можеби со исклучок на крајот на 80-тите години и почетокот на 90-тите години кога во Делчево живееше една театарска аматерска група наречена "Експериментално театарче" која до ден денес е ненадмината во делокругот на својата работа.

Сиромашната понуда на театарски претстави во Делчево првично произлегува од минималната понуда на само една претстава на годишно ниво во продукција на НУЦК "Н.Ј. Вапцаров" од Делчево и уште максимум една до две случајни претстави кои инцидентно би се прикажале во нашиот град.

Оваа состојба со театарот во Делчево мора и може во иднина драстично да се промени на подобро. Потребна е далеку поактивна работа на надлежите институции и сите културни работници кои имаат афинитети и познавања од оваа дејност.

Театарот е начин на живот. А тој начин на живот моментално во Делчево наликува на субстандардно преживување и борба за опстанок на театарскиот израз и богатство.

Соработката со други театарски групи, сопствената локална продукција мора да заживее со што ќе се создадат предуслови за воспоставување на некој елементарен театарски репертоар кој на публиката во Делчево ќе им се понуди.

А публика во нашиот град и тоа како има. 

За тоа сведочеше посетеноста на синоќешната претстава која иако на моменти знаеше да задирне во сериозни, тешки психолошки моменти и општествено-обичајни појави, сепак беше со комичен предзнак. 

Во претставата настапуваат актерите Ангелина Тренчева Ангелова, Анкица Бенинова, Ванчо Крстевски, Ванчо Василев, и Коста Ангелов. Претставата е продукција на струмичкиот народен театар при НУЦК "Антон Панов".

Настанот беше во организација на НУЦК "Н.Ј.Вапцаров од Делчево"

Joomla Templates and Joomla Extensions by JoomlaVision.Com

Локални актуелности - Култура