100 години град. 100 години постоење на заедничкото живење. 100 години соживот, заедничко градење, 100 години успех и напредок. Се заедно, 100 години наше Делчево.

7-ми септември 1912 год. од овој датум ова наше мало место започнува да си ја гради сопствената историја. 

Во есента 1912 год. Србија,Бугарија, Грција и Црна Гора и објавуваат војна на Турција со цел да го заштитат христијанското население, оваа војна е позната под името Прва Балканска Војна. Оваа територија брзо била ослободена, резултирала со иселување на турското население.  Но борбите не застануваат тука. Балканските сојузници не навлегле во Македонија за да ја ослободат од турското ропство туку за да завладеат со неа, радоста на населението била попуста.

На 16 јуни 1913 год. започнала Втората балканска војна. Фронтот се задржал токму на територијата на денешната Делчевска општина. И онаа војна резултирала со многу жртви, а завладеала и колерата.

По завршувањето на овие војни Македонија била поделена на Вардарска, Пиринска и Егејска. По Букурешкиот мир, Делчево и околината биле под Српска власт, на чело на овој крај бил поставен Јован Бабунски со својата чета. Тој со својата чета вршел терор врз населението. Во 1914 Србија била нападната од страна на Австо-Унгарија. За да ја избегнат мобилозацијата , голем број мажи бегале преку границата во Пиринска Македонија. Тие што бегале таму биле мобилизирани во Бугарската војска и во 1915 биле испратени на Солунскиот фронт да се борат против Србија. Оваа војна била братоубиствена војна.

По формирањето на партиските организации и во Делчево била формитана првата партиска организација на КПЈ во декември 1919. Но после една години опстојување ова организирање морало да престане поради притисокот од страна на тогашната власт.

Подоцна во Народно-ослободителната војна геополитичката положба на Делчево како гранично и сообраќајно место условила тоа во германските планови да заземе значајно место.  На 5-ти април 1941 биле исечени телефонските врски, на 6-ти вечерта биле уништени граничните караули. И покрај отпорот кој го давале нападнатите војски , Германците успеале да пристигнат до мостот на реката Брегалница на 6-ти април 1941.

Во 9 часот на 6-ти април и официјално Делчево било заземено. Населението трпело терор, мачење и било окупирано се до 8-ми септември 1944 кога батаљонот на 4-тата македонска бригада навлезе во градот, со што бугарската фашистичка војска се предала, а народот со радост ги дочекала своите ослободители, била организирана воена парада. На 11 септември Германците повторно сакале да го окупираат Делчево, борби се воделе се до конечното ослободување на градот од фашистичките напади.

По ослободувањето Делчево го дочека голема стопанска заостанатост.Главно занимање на населението било земјоделството.Од тогаш наваму Делчево си ја гради сопствената историја, историја на развој и напредок, историја со која може да се пофали и да каже дека е успешна. 

Конечно по ослободувањето на 23 април 1950 год. президиумот на АСНОМ донесува одлука со која старото име Царево Село се променува и нашиот град го добива името Делчево во чест на големиот Гоце Делчев  чијшто споменик го чува и не потсетува на делото на овој голем борец за слободата и автономноста на Македонија.

Нека оваа река од мојата лева а ваша десна страна биде единственото нешто што го дели овој делчевски народ. Но можеме да градиме многу мостови, живееме заедно, создаваме заедно, праќаме јасна порака за соживот и сплотеност.

Каде и да одиме овде да се враќаме, да знаеме од каде потекнуваме, со гордост да кажуваме каде сме родени и каде сме израснале. 

А ако некој од нас незнае како изгледа рајот, доволно е само да се загледа што има наоколу, повеќе зборови не се потребни. 

alt 

Пишува:Try-phuna

Името на авторот му е познато на уредникот

Овој реферат е посветен на јубилејот 100 години град Делчево, прочитан пред споменикот на Гоце Делчев во рамки на програмата за  одбележување на .7-ми Септември 2012 година.

Рефератот е подготвен од  страна на нашиот соработник означен со псевдонимот   назначен погоре

Joomla Templates and Joomla Extensions by JoomlaVision.Com

Локални актуелности - Колумни и други наши писанија